Инцидент: Терористички напад врз полицијата во кумановско Гошинце

21.04.2015 16:28

Вооружена група од 40 луѓе ноќеска ја нападнале караулата Гошинце на Македонско – косовската граница, информираат од полицијата. Напаѓачите заробиле, малтретирале и им се заканиле на четворица полицајци. Потоа ги ослободиле и си заминале. МВР случајот го оцени како терористички напад...

Вооружена група од 40 луѓе ноќеска ја нападнала полицијата во Гошинце на северната граница. Напаѓачите говореле албански јазик и носеле ознаки на УЧК. Заробиле четворица дежурни полицајци кои ги разоружале, ги врзале, едниот од нив е претепан, а сето тоа е снимено со камера, информираа од МВР.

„Преку преведувач кој говорел лош македонски јазик водачот на групата им се обратил на полицајците: „Ние сме од УЧК, ниту Ахмети ниту Груевски не може да ве спасат. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или кој било друг фатиме повторно, сите ќе ве ликвидираме“, соопшти портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Терористичката група, како што велат од МВР, на заробените полицајци им го одзела оружјето, и радиоврските, им ги скршиле мобилните телефони и им дале половина час да заминат од караулата.

„По поминувањето на дадениот рок еден од полицајците кој не бил врзан ги зел клучевите и ги ослободил остананатите колеги кои биле врзани со лисици, по што пеш се упатиле по патот. Додека оделе слушнале долг рафален истрел од автоматско оружје“, додаде Котевски.

Од МВР велат дека напаѓачите го напуштиле местото, а полицијата го обезбедува теренот. Според првичните сознанија терористичката група е од Гњилане.

 

Наташа Јанчиќ