Совет на ЕУ: Политичките лидери брзо да најдат решение за излез од актуелната состојба

21.04.2015 16:47

Европскиот совет ги усвои заклучоците за Македонија. Упатен е повик до политичките чинители да се фокусираат на изнаоѓање решение за излез од актуелната политичка состојба, и тоа што поскоро. Побаран е конструктивен дијалог за враќање на довербата во институциите, како и истрага по обвинувањата...

Повторување на ставот дека евроинтегративниот процес треба да продолжи и повик до лидерите на сите политички партии да пристапат кон решавање на кризата. Ова се пораките во финалната верзија на заклучоците за Македонија што денеска во Луксембург се  усвоени од страна на министрите за надворешни работи на 28-те земји-членки на Европската Унија.

„Советот ги повикува сите страни да продолжат со своите обврски и веднаш да преземат мерки кон изнаоѓање на одржливо решение, конструктивно да се впуштат во враќање на политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите преку соодветни политчки чекори. Сите обвинувањата треба да бидат истражени од соодветните органи, вклучувајќи ги и оние обвинувања за можните злоупотреби кои беа изнесени во јавноста, со целосно почитување на процесот, принципот на независност и пресумпцијата на невиност“, се вели во еден од заклучоците на Советот.

Советот на Европската унија изразува загриженост поради влошувањето на политичката состојба во Македонија, особено во областите на владеењето на правото, основите човекови права и слободата на медиумите, што претставувуаат основни демократски вредности во срцето на ЕУ и политиката на проширувањето, се вели во заклучоците на европската институција.

„Во интерес на граѓаните, демократијата, владеењето на правото и политичката стабилност, Советот ги повикува политичките лидери брзо да ги решат овие прашања“, стои во соопштението.

Меѓу заклучоците, како што е предвидено во нацрт-верзијата објавена на веб-страницата на Унијата, ќе биде и тој дека Советот на министрите ќе се наврати на овие прашања во следните неколку месеци.

Овие заклучоци во форма на препораки на Советот, со кој во моментов претседава шефот на дипломатијата на Летонија, Едгар Ринкевичс, се толкуваат како обид да се поттикнат  политичките фактори во земјава на конструктивност и низ процес на дијалог и преговори да се надминеат актуелните предизвици. Преговорите на двете партии со посредство на европската тројка се очекува да продолжат.

 

Катерина Топалова