Инцидент во Гошинце: Сценариото идентично како во 2001-вата?!
Ситуацијата во изминатите месеци и ова што се случи во Гошинце многу потсетува на кризната 2001-ва, сметаат дел од аналитичарите кои ги анкетираше МТВ. Ги прашавме може ли да се повтори кризата, кому му одговара такво сценарио, како ќе одговорат институциите...

„Идентично сценарио од 2001- вата и исти актери, но, различна свест кај оние кои се мета - граѓаните“, ова е ставот на аналитичарите за последните случувања во Гошинце.
Новинарката Мирка Велиновска вели дека откако ултиматумот на СДСМ не поминал, сега Груевски и Ахмети ќе бидат обвинувани за дестабилизација за да ја активираат техничката влада со надворешни посредници.
„Граѓаните бараат политичарите да ги извршуваат работите за што се платени и гласани, а вакви игри веќе не поминуваат“, смета Велиновска. Според неа, не случајно вакво сценарио се одвива кога државата има позитивно економско придвижување.
„И во 2001-та и денес борбата беше и е за власт, а не за демократија, ниту за човекови права, ниту за слобода на медиуми“, вели новинарот, Цветин Чилиманов. Според него, сценариото за дестабилизација влегува во својата финална фаза.
Новинарите се надеваат дека институциите водејќи се од националниот, државниот и интересот на граѓаните ќе дејствуваат мудро и одлучно.
Кризата во 2001-та почна откако во јануари, тогашниот лидер на СДСМ објави стенограми од прислушувани телефонски разговори. Месец подоцна се случи инцидентот кај Танушевци, а во март почна конфликтот. Заврши во август со потпишување на Охридскиот рамковен договор.
Наташа Гркова- Петрушевска
