Одбележување на Денот на планетата Земја
22.04.2015 09:19
Во Народната канцеларија на Председателот на Република Македонија во Скопје ќе има запознавање со минерали и кристали од светот и од Република Македонија, меѓу кои и македонскиот рубин...

Со чистење зелени површини, засадување дрвца, запознавање со минерали и кристали и еко-конференција денеска се одбележува Денот на планетата Земја - 22 Април.
Во Народната канцеларија на Председателот на Република Македонија во Скопје ќе има запознавање со минерали и кристали од светот и од Република Македонија, меѓу кои и македонскиот рубин. Еден од организаторите на настанот Дејан Шкартов, кој е промотор на македонскиот рубин, смета дека презентацијата ќе овозможи нов пристап кон сознанието колку природните минерали се присутни во нашиот секојдневен живот, без да бидеме свесни за тоа.
Во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, а во соработка со Младинската eколошка организација Гоу Грин и Амбасадата на Франција во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се одржи младинска конференција на тема „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“.
Целта на конференцијата е да се развие свест кај младите за енергетската состојба на земјите од Западен Балкан и да се разбере позицијата на младите и нивните потреби за вработување.
