Вејонис: Поддржуваме натамошно проширување на НАТО и на ЕУ

22.04.2015 10:23

Поддржуваме натамошно проширување на НАТО и на ЕУ со сите земји кои сакаат да се приклучат, изјави министерот за одбрана на Латвија, Рејмондс Вејонис којшто е дојден на консултации со американските власти во Вашингтон...

Со проширувањето на НАТО и на Европската Унија, се зголеми безбедноста во Европа. Латвија поддржува натамошно проширување на НАТО и ЕУ, изјави латвискиот министер за одбрана за Македонската телевизија.

„Да, секако поддржувам проширување на НАТО и на Европската Унија, за сите земји, најпрво за можните нови земји членки, тие треба да сакаат да се приклучат на НАТО или на ЕУ. Некои земји се уште имаат уште многу домашна работа, зошто ако не ги исполнувате сите критериуми, не е лесно да бидете примени во НАТО и ЕУ Тоа е причината , на пример, зошто Латвија ја поддржува Грузија со експерти“, смета Рејмондс Вејонис, министер за одбрана на Латвија.

Латвискиот министер за одбрана објасни зошто Македонија не стана членка на НАТО на последниот самит на Алијансата во Велс.

„За време на самитот во Велс, имавме дискусија за проширувањето на НАТО, но на крајот шефовите на делегациите одлучија дека сите земји, вклучувајќи ги Македонија и Грузија, дека се многу добро подготвени, но не се сеуште подготвени да се приклучат на НАТО. Затоа НАТО се согласи на специјална програма за Грузија“, вели Вејонис.

По последните случувања околу Украина и терористичките напади на европско тло, земјите членки на НАТО и на ЕУ се загрижени за безбедноста и бараат поголема солидарност и поддржување на заедничките интереси наместо националните од страна на европските земји членки.

Според Латвија, актуелниот Претседавач со ЕУ, Европа се соочува со хибридни закани, од конвенционални и терористички закани по безбедноста.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ