Осуда од новинарите и политичките партии за морбидниот чин против Борјан Јовановски
Смртни закани за новинарот Бојран Јовановски. Во семејната куќа вчера бил доставен погребен венец со натпис последен поздрав. Курирот и го предал на неговата сопруга која настанот го пријавила во полиција. Семејството и новинарите го изразија својот револт. Побараа да се најде испраќачот. Осуда и од политичките партии и невладините здруженија...

Осуда од новинарските здруженија и од политички партии за, како што велат, грозоморниот чин што се случи пред домот на новинарот Борјан Јовановски каде што непознато лице остави погребен венец.
Од ЗНМ велат дека Испраќањето на венец со порака последен поздрав во домот на новинарот Јованоски е кукавички чин вперен против сите новинари во Македонија.
Македонската асоцијација на новинари(МАН) најостро го осудува испраќањето на погребен венец со натпис „Последен поздрав“ на домашна адреса на новинарот Борјан Јовановски, од извесен испраќач со кодно име Тодор Александров.
ВМРО-ДПМНЕ го осудува настанот на кој новинарот Борјан Јовановски е изложен. Вакви настани за ВМРО-ДПМНЕ се целосно неприфатливи и штетни, како лично за новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство, така и за целокупната атмосфера во државата.
И од СДСМ со осуда на овој грозоморен чин.
Дел од семејството на Јовановски и новинари беа на протест пред Владата. Велат дека не мислат оти оваа институција е нарачател, туку овозможила амбиент во кој некој ќе се дрзне да се заканува по живот.
„Од многубројните закани кои сме ги добивале Борјан, јас и другите колеги кои се осмелуваат да пишуваат критички текстови кон работењето на Владата, оваа најмногу не потресе. Не потресе затоа што дома синоќа беа и децата на Борјан, кои се тресеа од возбуда, не знаеја како да реагираат“, изјави Светлана Јовановска, новинар.
Новинарите го повикаа Министерството за внатрешни работи веднаш да ги најде сторителите.
Игор Панов
