Иновации: Идеи има, тешко оди реализацијата!
Компаниите да ја искористат креативноста на своите вработени, да ги поддржат иновативните идеи. Со ова ќе се подобрат работните процеси и ќе се придонесе за подобри економски резултати и за зголемена конкурентност. Дел од компаниите веќе го прават првиот чекор. На јавниот повик за добивање пари за иновации се пристигнати повеќе од 70 апликации...

Македонските компании имаат идеи, но, треба да се работи на подигање на свесноста за потребата од иновации и да се поттикне креативноста на вработените. Ова е патот за растот на мали и средни бизниси, велат од првиот Идеја центар кој треба да ја подигне конкурентноста.
„Преку нашите парнери и во соработка со сите заинтересирани срани и чинители, целта е да креираме свесност кај компаниите за значењето на иновациите и за значењето на креативните и квалиетни човечки ресурси за успех во 21-от век“, вели Игор Андреев, експерт по иновациски менаџмент.
Една компанија веќе го применила овој систем.
„Од поднесените идеи на нашите вработени, голем дел од нив се прифатени и реализирани. Овие идеи влијаат кон подобрување на компанијата“, изјави Елизабета Николовска.
Повеќе од 75 апликации пристигнале за првиот јавен повик за средствата од Фондот за иновации. Државната помош ќе им помогне на бизнисите да ја зголемат иновативноста и да отворат нови работни места.
„Добивме задоволителен број на апликации, 76 досега, очекуваме и по пошта да пристигнат, доколку некој испратил. За наши услови, за обемот на економијата, бројот на претпријатија и фазата во којашто се наоѓаат компаниите во делот на иновациите, бројката е сосема солидна“, изјави Јасминка Поповска, директор на Фонд за иновации.
Според истражувањето на „Нолеџ центарот“, само 31 процент од компаниите спровеле нови или подобрени процеси.
„Две третини од испитаните компаниите инвестирале во нови производи и услуги, две третини од нив инвестирале и во нови процеси, сепак, скоро повеќе од половина од компаниите, 52%, напуштиле одредени иновативни проекти во текот од периодот од 2010-та до 2013-та година. Значи се инвестира, но и многу компании се откажуваат“, вели Андријана Богдановска, менаџер на компанија за истражување и менаџмент.
Подршката која што од годинава ја дава државата за иноваторството се очекува да даде резултати. Првите договори се очекуваат на крајот на јуни. Најмногу ќе може да се добијат до 30.000 евра. За годинава се обезбедени 2,2 милиони евра.
Дијана Ценевска
