Државниот инспекторат за труд доби нови возила
Возилата ќе бидат распоредени во 20 подрачни единици во повеќе градови во земјава...

Државниот инспекторат за труд доби нови 20 возила, кои треба да овозможат негова поефикасна работа. Возилата ќе бидат распоредени во 20 подрачни единици во повеќе градови во земјава.
Од денеска имаме нов возен парк на Државниот инспекторат за труд. МТСП учествуваше во реализацијата на овој Проект и во финализирањето и комплетирањето на целокупната постапка за набавка на овие возила. Учеството во финансирањето е 85 проценти од ЕУ и 15 проценти од Владата на Република Македонија, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на примопредавањето на возилата.
Додаде дека се продолжува со реализација и на Проектот за борба против непријавената работа, кој, како што појасни, се реализира преку ИПА програмата и е во износ од 1 милион и 150 илјади евра. Тој, потенцира Спасов, исто така, е насочен кон градење на капацитетите на Државниот инспекторат за труд, подобрување на капацитетите и вештините на инспекторите, меѓутоа и набавка на возила, компјутери и друг канцелариски материјал што им е потребен за извршување на тековните работи.
