Реакции на Брисел и Москва по нападот врз караулата кај Гошинце

23.04.2015 15:00

Официјални реакции на Брисел и на Москва, по нападот врз караулата кај Гошинце. Брисел го осуди терористичкиот атак, и бара одговорно однесување на сите политички субјекти. Русија смета дека на ситуацијата во регионот влијае и сериозниот недостаток на владеење на правото и безбедноста на Косово, како и игнорирањето на сѐ почестите големо-албански пароли во регионот...

Не стивнуваат реакциите по инцидентот во Гошинце. Официјален Брисел веќе порача дека поради сериозноста на состојбите, македонските и косовските власти треба да оддржат состанок на највисоко ниво за да договорат тесна соработка за справување со илегалните преминувања на границата. Од Брисел го осудија нападот на македонската караула и побараа сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да ја смират состојбата.

Анка Пандурари од прес службата на комесарот за добрососедство и преговори, Јоханес Хан, ја изрази загриженоста за насилниот инцидент, но и очекувањето дека властите и политичките партии ќе вложат максимални напори за да се избегне какво било зголемување на политичките или меѓуетничките тензии.

Се огласи и Министерството за надворешни работи на Руската Федерација. Оттаму велат дека на ситуацијата влијае, пред се, сериозниот недостиг од владеење на правото и безбедноста во Косово, што претставува очигледна последица од нерешавањето на косовскиот проблем во целина. Не може да се игнорираат и се почестите великоалбански пароли во регионот. Нападот врз караулата Гошинце зборува за континуираните етнички тензии во регионот, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Сметаме дека напорите на властите во Македонија за воспоставување на редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат неопходната меѓународна поддршка“, се вели во соопштението.

Реакциите следуваат по инцидентот кога во вторникот 40 лица, најверојатно од Косово, влегле во караулата и ги нападнале четворицата полициски службеници. Лицата, според МВР, биле облечени во униформи на УЧК и порачале: „Пренесете дека ни Ахмети ни Груевски може да ве спаси. Не сакаме охридски договори, никој не смее да дојде. Сите ќе ве ликвидираме. Сакаме наша држава. Повеќе никој не смее да дојде нагоре“.

 

Фиљана Кока