Гошинце да не се одрази негативно на стабилноста!
МВР се уште трага по напаѓачите од Гошинце. Дел од собраните траги веќе се анализираат. Домашните експерти бараат случајот добро да се истражи, шпански сенатор од Советот на европа предупредува дека инцидентот може да ја наруши состојбата во земјава...

Дека инцидентот во Гошинце може негативно да се одрази на состојбата во државава, а особено за генералниот интерес на граѓаните, предупредува шпанскиот сенатор во Советот на Европа, Аркадио Дијаз Техера. Не ги одобрува постапките на опозицијата. Смета дека на располагање и стојат сите средства за демократска борба за власт. „Парламентарната демократија е систем на проверка и рамнотежа. Во него има влада, но има потреба и од лојална опозиција“, вели шпанскиот сенатор. Според него, со овој систем на проверка и рамнотежа, власта може да биде контролирана од опозицијата.
„Во оваа ситуација мислам дека ако некој член на Собранието, не оди на работа во Собранието, не е лојален на неговата улога кон целото население. Главната улога на член на Парламент е да го одобри годишниот буџет и преку контролата на владата е да учествува во градењето на култура на демократски, парламентарен систем. Јас мислам дека најдобро однесување на еден пратеник е лојално да учествува во собраниската работа, да прашува, во различни комисии, различни истражувања. Тоа е најдобар начин за градење на демократскиот систем во вашата земја, ова е мое мислење и за Стразбур, во Советот на Европа, а исто така и за Македонија“, вели Аркадио Дијаз Техера.
Додека истрагата за инцидентот во Гошинце трае, во јавноста и меѓу безбедносните експерти главна тема е евентуалната идентичност на она што се случува денес со она што се случуваше во 2001-та. Според нив и тогаш најпрво се појави аферата со прислушување „Големото уво“, па протести на одредена група граѓани за да финишира со упад на терористички групи од Косово во Танушевци. Според аналитичарите, целта барањата пред 14 години и сега е преку заобиколување на волјата на граѓаните да се дојде на власт. Но, како што вели новинарот Чилиманов, Македонија има горко искуство од 2001-та и граѓаните нема да дозволат повторно да бидат вовлечени во истото сценарио.
„Борбата и тогаш беше за власт, мислам дека граѓаните немаат никакви илузии дека и сега ова сценарио што ни се случува изминативе месеци, не е борба за демократија, не е борба за човекови права, за слобода на медиуми, туку е јасна гола, брутална борба за власт“, смета новинарот Цветин Чилиманов.
Експертите по безбедност сметаат дека случајот со нападот на караулата Гошинце треба од полицско-криминалистички аспект добро да се истражи и итно да се открие идентитетот на сторителите на како што го оквалификува МВР, терористичкиот чин.
„Да се утврди трасата на доаѓање на местото на настанот на вооружената група и трасата на заминување. Базите на вооружената група, и што е особено важно да се утврди мрежата на јатаци на оваа вооружена одметничка група“, вели проф. д-р Томе Батковски, Факултет за безбедност- Скопје.
Македонското МВР работи на утврдување на сите аспекти на инцидентот во Гошинце, голем дел од анализите веќе се направени, значителни факти се утврдени.
Милчо Велески
