Попоски: Интеграцијата во ЕУ да се реализира, пред да биде предоцна
Денеска во Брдо кај Крањ се одржува состанок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и неколку европски држави. Учествува и шефот на дипломатијата Никола Попоски. Главна цел на иницијативата е европската перспектива на земјите од Западен Балкан да биде конкретизирана и да се поврзат со заедничкиот економски и политички простор на Унијата...

Главна тема е регионалната соработка особено поврзана со реконструкцијата и заздравувањето на државите кои беа зафатени со поплави. Шефовите на дипломатиите ќе ја разгледаат таканаречената Позитивна агенда за младите од Западен Балкан. Меѓу другото, и опциите на оваа категорија граѓани за студирање во земјите членки на Унијата преку стипендии, но и промовирање на можностите за вработување во својата држава а не во странство. Како би се остварило ова последново, ќе видиме во заклучоците.
„Да упатиме порака дека час поскоро треба да се реализира интеграцијата на земјите кандидати и потенцијални кандидати во ЕУ, пред да биде предоцна, бидејќи погрешна е претпоставката дека работите стојат и можете да ги оставите предолго време на пауза. Во овој дел мислам дека е многу значајна силната порака која ја упатуваат три од најголемите земји- членки на ЕУ, дека сакаат тој проект да се реализира“, изјави за МРТ, министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Неформалниот собир почна со дел во кој учесниците на Брдо Процесот разменија информации за борбата против тероризмот, вклучително и радикализацијата и регрутирањето на странски борци. Посебно внимание дадоа на безбедноста на регионите кои граничат со Унијата и сѐ позачестените бродски несреќи со нелегалните мигранти.
Домаќини на форумот се министрите за надворешни на Словенија и Франција, Карл Ерјавец и Лоран Фабиус. На неформалниот состанок учествуваат шефовите на дипломатиите од државите на поранешна Југославија, и Албанија, Австрија, Италија. Овде е и Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан. По завршувањето на работниот дел, најавени се билатерални средби.
Брдо Процесот беше инициран во 2010-тата од Словенија и Хрватска, преку регионална соработка да се истакне важноста на што поскоро зачленување на Земјите од Западен Балкан во ЕУ. Низ годините на оваа неформална иницијатива, поддршка дадоа и други европски членки, како и претставници на администрацијата во Брисел. Потврда за тоа е присуството на високите гости денеска.
Душко Арсовски, специјален известувач од Словенија за МРТ
