Меѓународен воз во близина на Велес прегази 14 мигранти од Сомалија и Авганистан

24.04.2015 12:01

Првично се зборува дека местото на инцидентот синоќа наликувало на сцена од хорор филмовите...

Железничка несреќа на пругата Велес-Скопје. Прегазени се 14 мигранти, од Сомалија и од Авганистан. Во соопштението на Јавното обвинителство од Велес се вели дека железничката несреќа се случила синоќа во 22.30 минути, на околу 2 километри од станицата „Рајко Жинзифов“.

Машиновозачот на патничкиот експресен воз бр.334, кој сообраќа на релација Гевгелија-Белград, забележал поголема група која броела повеќе десетици лица, како стои или оди по пругата.

Машиновозачот се обидел да го запре возот, вклучил и звучен сигнал, при што дел од лицата кои се наоѓале на пругата побегнале, а дел од нив останале. Поради неможноста на толку кусо растојание возот да запре, лицата биле прегазени.

По увидот на местото на инцидентот, јавниот обвинител и полицијата утврдиле дека се усмртени 14 лица.

Повредени лица не биле затекнати во близина на несреќата. Од Обвинителството велат дека се станува збор за мигранти од Сомалија и од Авганистан.