Јанкулоска: Апсењата во Куманово засега не се поврзуваат со Гошинце
Во врска со безбедносната состојба, министерката нагласи дека не треба да ја потценуваме сериозноста на она што се случи пред некој ден во Гошинце...

Во полициска акција во Куманово лишени се две лица. Кај нив биле пронајдени четири парчиња по 200 грама ТНТ со кафеава боја, знаме Албанија со натпис ИЛИРИДА, покана од УЧК, десетина ЦД-eа, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ мемориски стикови, компјутери, фотографии и филм за апарат.
„Во текот на вчерашниот ден две лица се приведени по направен претрес во три објекти во Куманово, каде што меѓу другото пронајдени се и четири пакувања по 200 грама ТНТ експлозив. Активноста на МВР спроведена со соодветна наредба засега не се поврзува со терористичкиот напад во Гошинце, но е дел од редовната работа на полицијата и дополнително ќе се оди со изведување нови докази, обезбедување искази на лицата кои се приведени и добивање дополнителни инфомации за она што е пронајдено при претресите“, изјави денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Во врска со безбедносната состојба, министерката нагласи дека не треба да ја потценуваме сериозноста на она што се случи пред некој ден во Гошинце.
„Сакам да им порачам на граѓаните дека службите надлежни за нивната безбедност ја вршат својата работа, соодветно реагираат и имаат капацитет за извршување на своите редовни задачи“, порача министерката Јанкулоска.
