Мигранти: Потрага по подобар живот со трагичен крај
Железничка несреќа на пругата Велес-Скопје. Прегазени се 14 мигранти, од Сомалија и од Авганистан, откако во нив удри воз кој сообраќал на релацијата Гевгелија-Белград. Звучната сигнализација од машиновозачот недоволна да се избегне трагедијата...

Во оваа клисура згаснаа животите на 14-те мигранти кои од Авганистан и Сомалија. Тргнале на запад кон подобар живот. Уморни и исцрпени од долгото патешествие, биле немоќни да избегаат пред налетот на брзиот воз. Овие снимки говорат за трагедијата.
Доцна во ноќта – во Велес беа донесени телата на загинатите мигранти. Живот им згасна на пругата Велес – Скопје. Во нив удрил патничкиот воз кој сообраќал од Солун за Белград. Групата мигранти била на пругата кон Скопје, во дел каде што е исклучително тесно.
Возот по застанување на станицата „Рајко Жинзифов“ продолжил кон Скопје. Машиновозачот на околу 150 метри далечина ја забележал групата која броела до 100-тина мигранти, започнал да кочи и со сирената да ги предупредува луѓето да се тргнат од шините. Но, ниту тој успеал да закочи, ниту 14 мината несреќни мигранти да се тргнат од пругата. Една од претпоставките е дека можно е поради истоштеност, мигрантите да запале среде пруга.
Вистинска драма се случувала ноќеска на железничката пруга која води од Велес до Скопје. Откако возот усмртил 14 мигранти, исклучително тешко било да се стигне до нив, па така лекарските и екипите на МВР, како и јавниот обвинител, пристигнале на местото на несреќата со специјални шински возила од Македонски железници.
Од групата мигранти покрај мртвите тела останале само 8- мина, кои биле приведени. Се претпоставува дека се роднини на загинатите. Останатите од групата по несреќата веднаш се разбегале.
Екипата на МТВ пеш се обиде да стигне до местото на несреќата. Преминот преку висечкиот мост на Вардар не делува воопшто страшно, но одејќи по високиот рид во обид да се стигне до критичното место, сфативме дека втор премин нема.
Од највисоката точка во близина на пругата ги снимивме овие инсерти кога ги забележавме и овие двајца кои се качија во шинскиот камион.
Миле А. Ристески
