Британски „Дејвид Томас медикал“ ќе инвестира во Македонија

25.04.2015 19:27

Британската компанија од областа на медицинската индустрија „Дејвид Томас Медикл“ донесе одлука да изгради фабрика во Македонија, објави премиерот Никола Груевски. Тој обелодени и сет на економски мерки од кои корист треба да имаат граѓаните и компаниите. Груевски најави нови авио- линии до Охрид и затворен базен за охриѓани...

Познатиот британски бренд од медицинскиот сектор „Дејвид Томас Медикал“ ќе инвестира во Македонија, најави премиерот Груевски. На својата веб страница компанијата веќе потврдила дека во соработка со македонска фирма ќе се лоцира во Скопје и за почеток ќе вработи 50 инженери.

„Вработувања и фабрики ќе има и во Кичево. Американската компанија Ки Сејфти Системс која произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија веќе објави одлука да инвестира 20 милиони долари во Кичево и да реализира 1000 нови вработувања. Оваа компанија веќе ги започна подготвителните работи за изградба на својата фабрика во кичевската зона и оваа фабрика се очекува да биде завршена до крајот на оваа година“, нагласи премиерот Груевски на собирот во Охрид.

Во новата индустриска зона во Охрид,  првата фабрика ќе ја изгради германскиот инвеститор ОДВ Електроник од автомобилската индустрија подготвен да вложи 15 милиони евра и да обезбеди работа за 1.000 работници од Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани, рече Груевски. Од истиот сектор, инвестиција вредна 80 милиони евра ќе реализира германската компанија Костал која, според проценките на менаџментот, треба да вработи 1.000 луѓе. Овие две фабрики, рече Груевски додека работат во браунфилд халите, ќе вработат од 300 до 400 работници.  Инвестициите во Охрид и во останатите градови значително ја намалија невработеноста.

„Во овој регион бројот на невработени во 2007 изнесуваше 29.610 лица, а оваа година тој број е намален и изнесува 21.872 лица. Од 2007-ма до сега во Охрид и регионот имаме забележано намалување на невработеноста  за  8.000 лица од 29.000 на 21.000, притоа само со активните мерки за вработување се вработија 1.500 лица“, рече премиерот Груевски.

Премиерот најави нови економски мерки од кои корист треба да имаат фирмите и граѓаните. Ќе се воведе законска можност за плаќање на неплатените придинеси за пензиско и инвалидско осигурување  на рати најмногу до 24 месеци. Реформи во   канцелариското и архивското работење на приватните фирми.

Автопатот Кичево Охрид ќе биде поврзан со како што рече Груевски, нов автопат Гостивар Кичево за што набрзо ќе биде распишан повик за избор на концесионер кој ќе ја гради делницата долга 47 киломентри и со која Скопје и Охрид ќе бидат целосно поврзани со автопат.

 

Александра Перевска