За струшките плажи сеуште се кршат копја

26.04.2015 15:10

Од една страна концесионерите но и Основниот суд, а од друга страна првиот човек на општината. Според Села, плажите треба да се вратат во првобитна состојба и да бидат слободни за користење од страна на граѓаните. Според него одлуката која ја донесе Основниот суд во Струга за стопирање на било какви дејствија од страна на општината, е незаконска...

Градоначалникот на Струга Зијадин Села се уште тврди и стои на ставот дека времените објекти на струшките плажи се незаконски и дека за нив не е побарана никаква дозвола од општината која е надлежна за таа работа.

„Мислам дека треба да се зачува и природата, а од друга страна да имаме и уредени плажи. Не е ова начин како се уредувани сега плажите, бидејќи се работи за кршење на правилникот и законот за плажите. Во генералниот урбанистички план стои точно што може да има на плажите, а никако не стои дека треба да има времени објекти, бидејќи тие се времени објекти за кои не е барано дозвола од страна на општината“, вели првиот човек на општина Струга, Зијадин Села.

Со времените мерки кои ги донесе Основниот суд во Струга за спречување на било какви дејствија на општината кон концесионерите на плажите во Струга, првиот човек на општината тврди дека тоа е незаконски донесена одлука.

„Се рабоtи за незаконска донесена одлука. За управни спорови помеѓу општина и сограѓани решава Управен суд во Скопје а не Основниот суд во Струга. Во ваква ситуација само ни оневозможува за да донесеме план како да ги уредуваме плажите“, додава Села.

Според Села, плажите во Струга треба да бидат пред се слободни за граѓаните и од нив да не се бара никаква наплата за користење на истите, а не да се наплатуваат лежалки и било кои други реквизити. Градоначалникот на Струга стои на ставот дека по истекување на законскиот рок, плажите ќе се вратат во првобитна состојба.

 

Јованчо Наумоски