Референдум за ГТЦ: Речиси 21% излезност до 13 часот
Жителите од Општина Центар, денеска гласаат на референдум за изгледот на фасадата на Градскиот Трговски Центар. Изутрината во 7 часот беа отворени сите гласачки места, а процесот го набљудуваат вкупно 597 набљудувачи, од Државната изборна комисија, Мост, Цивил, ОБСЕ и други невладини организации...

До 13 часот правото на глас го искористиле близу 21 процент од вкупниот број запишани гласачи. На 78 избирачки места излегле 9.043 жители на Општина Центар од вкупно 43 илјади 560 запишани во единствениот избирачки список, велат од Државната изборна комисија.
Сите избирачки места биле навреме отворени и немало нерегуларности, потврдија од избирачките одбори.
Според невладината „Мост“ која процесот на референдумското изјаснување го следи со повеќе од 100 набљудувачи одзивот до14 часот бил 26,15 проценти. Нивниот мониторинг забележал неколку неправилности на гласачките места.
Избирачките места ќе бидат затворени во 19 часот по што ќе следува пребројување на гласовите и ќе се знае дали референдумот за изгледот на Градскиот Трговски Центар завршил успешно.
Фиљана Кока
