За прв пат во македонското здравство- онлајн регистар на медицинска опрема
Во него се внесени сите апарати со кои располага здравствениот систем. Преку него ќе се знае која установа со каква опрема располага и дали се во исправна состојба...

Ако одреден апарат во здравствената установа има дефект, во рок од 24 часа ќе мора да биде евидентиран во онлајн регистарот на медицинска опрема. Бидејќи тој е дел од системот „Мој Термин“ пациентите навреме ќе бидат известени дека прегледот не може да се реализира, со што ќе се избегне непотребното доаѓање во болниците.
„Во ваков случај установата е задолжена неисправната медицинска опрема да ја доведе во исправна состојба во рок од седум дена од денот на настанување на неисправноста, а во меѓувреме на пациентите кои имале закажан термин да им обезбеди преглед со истата опрема во нивната здравствена установа или пак да се известат и да ја обезбедат здравствената услуга во друга здравствена установа“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Здравствените установи има одговорни лица кои се задолжени да ја следат состојбата на опремата.
„Согласно овој правилник во секоја здравствена установа назначени се одговорни лица за евиденција на медицинска опрема кои се задолжени континуирано да ја следат состојбата со опремата и нејзината функционалност, а воедно одговорните лица имаат и пристап до регистарот со цел навремено ажурирање на податоците“, нагласи министерот Тодоров.
Во целото јавно здравство има повеќе од 7.900 апарати, според министерот Тодоров, за девет година набавени се повеќе од 4.300 или 60 проценти од вкупниот број апарати набавени се во овој период.
Андријана Атанасовска
