Новите мерки отвораат можност за нови инвестиции за бизнисите

26.04.2015 17:10

Плаќање на рати на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување. Од бизнис заедницата очекуваат мерката која ја најави премиерот Груевски да отвори повеќе простор за инвестиции и планирање. Една од клучните цели на владата е намалувањето на невработеноста и поттикнување на странските инвестиции...

Можност за плаќање на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на рати, најмногу до 24 месеци и ослободување од камата доколку се платат заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско, најави вчера од Охрид премиерот Груевски. За долг по основ на неплатени придонеси од први јануари 2009-та до 31 декември лани,со закон ќе се овозможи плаќање на главниот долг на рати. Ако се исплати за 12 месеци на 12 рати, должникот ќе се ослободи со 70 насто од каматата ако се плати на 24 рати,за 50 проценти.

Ова е огромно, значително олеснување за приватниот сектор, за секое правно лице, за секој трговец, за секој индивидуален земјоделец, за секој мал голем или среден бизнис, за сите оние кои биле погодени од светската економска и европската должничка криза, и кој поради тоа западнале во неволја и неможеле да ги платат придонесите за себе и своите вработени“, изјави премиерот Груевски.

Од новата мерка бизнис заедницата очекекува ослободување како што велат повеќе простор за инвестиции и планирања.

„Можноста на некој начин да се ослободат од долговите, за компаниите секојпат значи помирно размислување за иднината и за подобро планирање“, смета Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.

Една од клучните цели на Владата е намалувањето на невработеноста и поттикнување на странските инвестиции. Американската компанија ,,Ки сејфти системс,, која произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија веќе ја објави инвестицијата од 20 милиони долари во Кичево и да реализира 1.000 нови вработувања. Индустриската зона Струга-Охрид летово целосно ќе биде оперативна. Прва фабрика што ќе гради е ОДВ- Електрик која најави инвестиција од 15 милиони евра и илјада нови вработувања. Важна инвестиција за регионот е и од германската „Костал“ која ќе инвестира 80 милиони евра во период од неколку години и планира да вработи 1.000 лица. До крајот на годината во Охрид и во Кичево во браунфилд инвестициите се очекува да бидат вработени 500 лица.

„Сите граѓани кои ценат дека поседуваат определен профил на кадар, односно способност стручност, образование, можат да аплицираат за вработување во седиштата на овие компании, во Охрид или Кичево, или со апликација преку нивните веб страници. Соодветно на потребите на компаниите, тие се очекува да бидат вработени до крајот на годинава во браунфилд инвестициите, доколку ги исполнуваат условите кои им се потребни на компаниите“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

На последната владина седница усвоен е законот за работни односи, според кој се продолжува породилното отсуство од 12 до 15 месеци за оние што ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш. Се размислува и за зголемување на платите на информатичарите вработени во јавниот сектор за 30 проценти.

 

Александра Перевска