Граѓаните бараат реализација на проектите
Граѓаните бараат реализирање на проекти и подобрување на животниот стандард. Според дел од аналитичарите, опозицискиот СДСМ години наназад е без програма и стратегија. Премиерот Груевски повтори дека нема да се дозволат сценарија за дестабилизација на Македонија...

Во политичкото миље во Македонија последниве месеци опозицијата се обидува со таканаречени бомби да ја детонизира владејачката партија, која има далеку повисок рејтинг. А тоа уште повеќе ја поттикна владејачката партија да ги забрза реформите и проектите, за подобрување на животниот стандард на граѓаните. А што всушност ги интересира граѓаните?
„Да бидат подобри животот, стандардот, економијата, децата да се вработени, здравството да е подобро за старите. Бомбите нека си ги решава политиката.“
„Сакаме повеќе проекти, се разбира,не не интересира многу политика нас младите.“
„Дар-мар е, воопшто не знае човек што да рече.“
„За подобар живот. “
„Она што го нуди власта е подобро отколку она што го нуди опозицијата.“
„Животниот стандард да си го средиме, како јас, така и другите граѓани.“
„Граѓаните се конфузни околу целата оваа ситуација.“
„Животниот стандард, нормално. Затоа што тоа ме засега, тоа е битно за животот. Прислушувањето мислам ни дојде на сите преку глава, не е интересно за служање, не заморува.“
„Животниот стандард, прислушуваните разговори воопшто не ме интерсираат.“
„Ништо не ме привлекува, не ме интересира прислушувањето. Мислам дека сето тоа е политички изрежирано за некаво внимание и деструкција кон дополнителните проблеми“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Се уште не видовме што има да понуди СДСМ, вели аналитичарот Владимир Божиновски. Смета дека опозицијата не може да очекува да се зголеми поддршката ако немаат што да понудат.
СДСМ, вели Божиновски, излегуваат и велат дека оваа власт е лоша, гласајте или бидете со нас, а не одговараат на прашањето зошто граѓаните да бидат со нив. Презентацијата на аудиоснимките ги оцени како негативна кампања на СДСМ.
Од друга страна, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека СДСМ со презентацијата на аудиоснимките има цел да ги привлече неопределените.
Една од клучните цели на Владата е намалување на невработеноста, нагласи премиерот Никола Груевски на вчерашниот народен собир во Охрид. Ние и нашата генерација ја имаме одговорноста да опстоиме во битката за подобра и просперитетна Македонија со повеќе можности за идните генерации. Да не им дозволиме на тие што го искреираа ова сценарио да успеат во намерите за дестабилизација и уназадување на Македонија. На СДСМ им порача:
„Ќе ве победиме! Народот е со нас! Ќе ве победиме! Ќе ве победиме така јако, што нема да сте свесни што ви се задесило! И кога победата ќе дојде, нека не се плашат, ние нема да јадеме живи луѓе, нема да се светиме, и не се закануваме, како што тие тоа го прават или како што многумина сакаат, туку ќе ве погледнеме во очи и ќе ви кажеме ова е наша заедничка држава и ние работиме за неа!“
Груевски нагласи: Да опстоиме на агендата за инвестиции и проекти што треба да носат нови работни места и подобар живот за граѓаните како и на трасираниот пат за ЕУ и НАТО.
Наташа Гркова- Петрушевска
