Не успеа референдумот за ГТЦ

27.04.2015 11:03

Не успеа референдумот во Општина Центар. Со 40 проценти излезност не беше исполнет бараниот минимум за да решат граѓаните за идниот изглед на ГТЦ. Референдумот минал без поголеми проблеми, велат набљудувачите на невладината „Мост“. Повеќе детали во текот на денот се очекуваат од ДИК...

Не успеа референдумот во општина Центар. Со околу 40% излезност, не се исполни потребниот минимум, за граѓаните да решат дали ќе се менува фасадата на ГТЦ. Според првичните податоци што ги соопшти градоначалникот Жерновски, повеќе од 95 насто од гласачите се изјасниле да се задржи автентичниот изглед на трговскиот.

„Повторно сме сведоци на едно сценарио кое го гледавме во изминатите периоди, за жал се повтори- исклучени лифтови, притисоци особено врз јавната администрација, префрлување на гласачите од едно на друго гласачко место, но и покрај тоа дојдовме до резултат кој за мене и сите што работевме на оваа кампања е фрапантен“, изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Неуспехот на референдумот е силна и јасна порака не само од жителите на Центар, туку од сите граѓани дека нема да дадат поддршка на сценарија и политичка злоупотреба која нема никаква конкретна позитивна цел за самите граѓани, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ немаше повик граѓаните да не учествуваат на овој референдум и немаше кампања граѓаните да не учествуваат или да не гласаат на овој референдум. ВМРО-ДПМНЕ  за разлика од СДСМ покажа голем демократски капацитет и остави граѓаните сами да одлучуваат за ова прашање“, рече Илија Димовски.

Од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ велат дека нивните активности и натаму продолжуваат.

„Нашиот конкретен следен чекор, кој и беше најавен пред референдумот, беше ГТЦ да биде прогласен за културно наследство, што би значело дефинирање на нов режим на заштита, што пак значи гарант за зачувување на неговата аветнтичност“, изјави Даница Павловска, иницијатива „Го сакам ГТЦ“.

Од граѓанската асоцијација МОСТ велат дека во текот на денот најчести проблеми за кои известувале нивните набљудувачи биле погрешно откинување на гласачките ливчиња, како и граѓани кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

 

Анита Димитријевска