Куманово: Работа за пекари има, младите не се заинтересирани
Да се биде пекар треба да се вложи многу труд и бара откажувања од слободното време, особено ноќе, но затоа е и добро платена. Работа за пекари има, но младите вешто го избегнуваат изучувањето на занаетот. Само 8 ученици се запишани на прехрамбената струка во „Киро Бурназ“. Оние кои завршиле, не се обидуваат и се откажуваат или пак воопшто не се впуштаат во работата, избираат со години да чекаат во центарот за вработување, велат од пекарските работилници...

23 годишниот Јаким Китанов од Кратово е главен мајстор за бели пецива во една кумановска пекара. По завршувањето на образованието, набргу сфатил дека треба да напарави нешто за себе и да најде начин како да заработува. Дошол во Куманово, каде што има одлични услови во пекарската индустрија, учел занает и еве 3,5 години, подготвува леб, кифли, бурек.
„Оваа работа бара труд и мака, некако младите не ја сакаат, но ете ја се одлучив, ми треба работа. Долго време бев невработен и сега е добро, примам плата, задоволен сум. Има и смени кога сум по 12 часа, но тоа е тоа, така бара занаетот“м објаснува Јаким Китанов-пекар во една кумановска пекара.
Во земјоделското училиште „Киро Бурназ“ на прехрамбениот смер има запишано само 8 ученици. Наставата таму се одвива теоретски и практично во мала работилница, но младите велат дека занаетот се учи надвор од школото. Ова е непопуларна работа за младите, ретко кој сака да работи ноќе и да го жртвува слободното време, велат од пекарските работилници. При посета на една од нив затековме двајца ученици кои практично го усовршуваа занаетот, ловејќи ги техниките на работа од вештите раце на искусниот млад мајстор.
„За да се направат кифли потребна е мајсторија, додека подготовка на леб бара физичка снага. Јас би се одлучил да работам бели пецива“, вели еден од учениците кој го учи занаетот.
„Треба да имаме повеќе пратично учење, затоа што за да се научи да се работи како пекар навистина е потребна многу пракса“, доддава друг ученик од СОУ „Киро Бурназ“ од Куманово.
Инаку, работата пекар е една од подобро платените. Искусен пекар прима плата во просек од 20.000 илјади денари. Куманово иако важи за еден од најразвиените градови во пекарската гранка, со долга традиција прочуен по производство на пекарски леб и кифли од страна на „Житомел“.
По неговото затварање се отвори простор за работа на над 20-тина пекари и кифлари. Парадоксално е тоа што, работа за пекари има, а на Центарот за вработување од овој профил значителна бројка се евидентирани како невработени.
Габриела Димковиќ
