Два нови случаи на туларемија во скопско Грушино

27.04.2015 14:39

Извршена е дератизација на сите куќи, како и дезинфекција. Досега вкупно во оваа општина се регистрирани 14 случаи, од кои шест во Арачиново, а на ниво на државата вкупно од туларемија биле заболени 33 лица...

Нови два случаи на туларемија се регистрирани на територијата на општина Арачиново, во селото Грушино, каде од 16-ти овој месец е прогласена епидемија од ова заболување. Извршена е дератизација на сите куќи, како и дезинфекција. Досега вкупно во оваа општина се регистрирани 14 случаи, од кои шест во Арачиново, а на ниво на државата вкупно од туларемија биле заболени 33 лица.

Дератизацијата се правеше во дворовите, подрумите, шталите, полските нужници, секаде каде може да се приберат глувците, меѓутоа се направи и дезинфекција на дворните места, односно на 20.000 метри квадратни, изјави епидемиологот од Центарот за јавно здравје - Скопје, Билјана Данаиловска.

Таа информира дека во текот на минатата недела се пријавени уште два случаи на туларемија кои не се поврзани. Станува збор, како што појасни, за возрасни лица на 68 и 74-годишна возраст. Едното лице е хоспитализирано, а другото се лекува во домашни услови.