Пешевски и Адеми со апел до родителите- да ги вратат децата на настава
Средбата, како што истакна вицепремиерот Пешевски, иако била со нелегитимни претставници на средношколците, е поради грижа за нивната безбедност по одлуката од денеска да кампуваат спроти Министерството за образование и наука...

Барањата на средношколците ќе бидат разгледани. Вицепремиерот Пешевски и министерот за образование Адеми упатија апел до родителите да ги вратат децата на настава. Средношколците беа примени на средба- тие ги посочија своите барања кои се однесуваат на екстерното тестирање и новиот концепт на матура.
Средбата, како што истакна вицепремиерот Пешевски, иако била со нелегитимни претставници на средношколците, е поради грижа за нивната безбедност по одлуката од денеска да кампуваат спроти Министерството за образование и наука.
Денеска ги примаме затоа што се одлучија да штрајкуваат со шатори пред МОН. Се доведуваат самите себе во небезбедна ситуација. На што ќе личи тоа тие цела ноќ да седат тука. Тоа е причината зошто ги примивме денес. Инаку, основните претпоставки и понатаму важат, изјави Пешевски.
Ги повика родителите да побараат од своите деца да престанат со бојкотот бидејќи, како што рече, во крајна линија тие се најголеми губитници, со оглед дека веќе 12-ти ден голем број од децата не посетуваат настава и е пропуштен е доста материјал.
Нам навистина ни е во интерес образованието да продолжи, да завршат матурските испити и да им се овозможи на оние деца коишто сакаат да го продолжат образованието да се запишат на факултет, изјави Пешевски.
Средношколците, пак, информираа дека не е постигнат договор и најавија оти ќе останат да кампуваат се до исполнување на барањата да се врати стариот концепт на полагање државна матура и да се стави во мирување Законот за екстерно тестирање.
