Истражување

80% од германските компании повторно би инвестирале во Македонија

27.04.2015 16:23

Германските компании во земјава со позитивна оценка за бизнис – климата. За годинава планираат зголемување на инвестициите и на бројот на вработени - покажува анкетата на Македонско – германското стопанско здружение. Најмногу критики има во делот на јавните набавки, администрацијата, но и за политичката ситуација...

80 проценти од германските компании кои оперираат во земјава повторно би ја одбрале Македонија како дестинација за својата инвестиција – покажува истражувањето коешто по 10-ти пат го спроведе Македонско – германското стопанско здружение. Една третина од нив сакаат годинава да ги зголемат своите инвестиции, а 27% ќе ангажираат нови работници.

„Радува што нашите членки се задоволни од деловната состојба, од извозот и од бројот на вработените, како и фактот што ќе имаме нови германски инвестиции.  Според истражувањето,  четири од пет компании повторно би инвестирале во Македонија. Ова значи дека скепсата од минатите години повеќе  не е толку силна и дека на Македонија се гледа како на позитивно место за инвестирање. Сепак, не смеат да се занемарат негативните фактори. Една од важните задачи на Владата ќе биде да се грижи за политичката и социјалната стабилност што е поврзано и со актуелната политичка ситуација во државата“изјави Мартин Кнап, директор на Германската сопанска комора во Македонија.

Освен на политичката ситуација, Германците се пожалиле и на јавните набавки, администрацијата, даночната политика, но општата економската состојба ја оцениле попозитивно во однос на претходните години. 62% процента сметаат дека е добра или задоволителна, а 38 како лоша. Во однос на работењето на нивните фирми, само 8 проценти пријавиле неповолни деловни движења.

„Мене ме радува подготвеноста за нови вработувања и за инвестиции. Би го навел и нивото на академското образование и самата стручност, а тие се попозитивни во однос на претходните години, што за македонското стопанство е позитивен сигнал“потенцира Ханс Хелге Зандер, заменик – амбасадор на Германија во Македонија.

Во изминативе две години четири германски фирми, кои размислувале дали да инвестираат во Македонија или во Србија, на крајот се решиле за нашата земја.

„За инвеститорите е важен континуитет, бидејќи тие не инвестираат за две до три години, туку нвината инвестиција треба да е исплатлива во еден подолг временски период“, вели Михаел Дикамп, претседател на Македонско – германско стопанско здружение.

Истражувањето е спроведено во првиот квартал меѓу 179 компании – членки на Здружението. Според последните податоци, германските инвеститори во земјава ангажираат 11 илјади работници.

Мартин Пушевски