Првата средба на Средношколскиот пленум со министерот за образование заврши без успех

27.04.2015 16:38

Двете страни не постигнаа договор. Средбите ќе продолжат. Адеми апелира до родителите дa ги вратат децата на настава, затоа што нивното место е во училишните клупи...

Без успех заврши првата средба на Средношколскиот пленум со министерот за образование Адеми. Двете страни не постигнаа договор. Средбите ќе продолжат. Адеми апелира до родителите дa ги вратат децата на настава, затоа што нивното место е во училишните клупи.

„Сите подготвителни активности, односно сите реформи кои ги спроведуваме се со цел да обезбедиме поквалитетно образование. Никогаш не сакаме ни да размислуваме дека некоја реформа ќе биде на штета на самите ученици и на самиот образовен процес во Македонија“, изјави министерот за образование, Абдулаким Адеми.

Бојкотот на наставата продолжува, шаторите ќе останат спроти Министерството за образование- велат од Средношколскиот пленум.

„На средбата ништо не се постигна, преговорите се во тек, од утре најверојатно ќе продолжиме со средбата и од тогаш ќе се знаат подоцнежните дејствувања на Средношколскиот пленум“, вели Исмет Шабановиќ, Средношколски пленум.   

Средбата со пленумците била поради грижата за нивната  безбедност, од одлуката да протестираат со престој во шатори.  

„Владата досега покажа доволно флексибилност. Да бидеме свесни секаква флексибилност во овој момент во суштина ќе оди на штета на учениците, на нивниот образовен процес. Но, и ако покажеме флексибилност тоа е само за да се задржи безбедноста на децата, за едноставно се вратат во училиштата“, рече вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Средношколците бараат укинивање на екстерното тестирање и на електронското полагање на државната матура и враќање на стариот концепт на полагање.

 

Андријана Атанасовска