Во центарот за обука во Пепелиште - 24 дневен курс за избор на професионални војници
Проверката на психофизичката издржливост како во реални услови. Се подготвуваат да бидат дел од армиските специјалци. МРТ на терен меѓу кандидатите...

Качување,спуштање по карпи и теренски вежби,100-километарски марш,спуштање со јаже од мост,совладување на фортификациски препреки се само дел од активностите што кандидатите на селективниот курс треба да ги совладаат ако сакаат да бидат дел од елитните армиски единици. Под будното око на инструкторите треба да се совлада стравот, но и да се покаже физичката кондиција.
Во досегашните 12 дена од предвидените 24, 191 кандидат меѓу кои и 14 девојки, претходно ги поминаа општите и психофизичките проверки. На терен се оценуваат и тимската работа и лидерството. Нема поштеда за никого. Министерот за одбрана и началникот на генералштабот присуствуваа на вежбите на кандидатите. Министерот Јолевски спуштајќи се со јаже од 30-на метри височина и самиот како што рече сакал да се присети на деновите кога бил дел од специјалните единици во поранешна ЈНА.
Секој кандидат има свој број. На курсот нема име и презиме, а инструкторите се менуваат на секои 20 дена,за да нема евентуална пристрасност. Условите и препреките што се поставени се блиску до реалните што би ги очекувале во борбени дејствија, секако водејќи сметка за нивната безбедност. Најголем дел од кандидатите кои ќе ја поминат строгата селекција ќе бидат примени во специјалните единици. Јолевски и генерал Котески се задоволни од нивната подготвеност.
„Откако станав министер целта ни е да ги дигнеме овие единици на уште повисоко ниво иако тие и сега се на високо ниво. Затоа преземавме неколку чекори за дополнително зајакнување на овие единици, а со тоа да ги зајакнеме и другите делови од АРМ. Во таа насока веќе работиме и конкретно“, нагласи министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
„Јас сум задоволен, останунваат уште 10 дена и сметам дека најуспешните ќе останат и ќе бидат примени во АРМ“, рече генерал-потполковник Горанчо Котески-началник на ГШ на АРМ.
Според најавите, избраните 125 кандидати, во АРМ треба да бидат примени во почетокот на јуни.Кон крајот на октомври ќе има уште еден оглас за прием на нови 125 професионални војници.
Милчо Велески
