Дебата на „Конрад Аденауер“: Во политичкиот дијалог да надвладее државниот пред партискиот интерес

27.04.2015 16:56

„Не е добар знак што опозицијата го бојкотира Парламентот - реформите мора да продолжат“ - став на учесниците на дебатата „Интегративниот процес на земјите од Западен Балкан“. Според нив, во политичкиот дијалог треба да надвладее државниот пред партискиот интерес...

Патот кон Европа не е лесен, тој може да биде трнлив и исцрпувачки. Реформите мора да продолжат да се спроведуваат и директно да влијаат на работата на институциите. Ваква порака испратија денеска професори и дипломати од дебатата „Интегративниот процес на земјите од Западен Балкан во поглед на актуелниот економски и политички предизвици на ЕУ“. Речиси сите се согласија дека во земјава генерално има проблем со политичката култура.

„Гледајќи однадвор, без да бидам експерт, воопшто не е добар знак тоа што една партија го бојкотира Парламентот. Тоа покажува дека има проблем со политичката култура и тешко е да се каже дека во вакв ситуација и на ваков начин земјата ќе ги започне преговорите со ЕУ“, смета Вит Новотни, професор во „Вилфред Мартенс“- центар за европски студии.

Во политичкиот дијалог интересот на државата треба да надвладее над партиските интереси, порача германската амбасадорка во земјава. Таа побара политичка пред судска одговорност.

„Само преку кредибилна истрага кој ја враќа политичката и судска одговорност и пресметливост на функционерите и политичарите може да се зачува евраотлантската перспектива. Германија била и ќе биде силен подржувач на приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ. Ја подржуваме Македонија во справувањето со предизвиците, но исто така очекуваме да се спроведуваат непоходните реформи кои се предуслов за да се направи наредниот чекор“, изјави Кристин Алтхаузер, амбасадор на Германија во Македонија.

Учесниците на дебатата организирана од фондацијата „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ рекоа дека очекуваат да има застои на патот, но ги поддржаа сите политички чинители во земјава да продолжат на евроинтегративниот пат.

 

Катерина Топалова