Помош за бизнисот преку одложено плаќање на заостанатите придонеси

27.04.2015 17:07

Мерката предвидува за долг по основ на неплатени придонеси до 2008-та и од први јануари 2009-та со закон да се овозможи плаќање на главниот долг на рати. Ако се исплати за 12 месеци, должникот ќе се ослободи до 70 проценти од каматата...

Одложеното плаќање на заостанатите придонеси од пензиско и инвалидско осигурување  и ослободувањето од каматата е мерка која многу ќе му помогне на бизнисот, оценуваат од Сојузот на стопанските комори. Новината според извршниот директор Алексов ќе помогне компаниите да го затворат долгот кон државата, а при тоа да не претставува товар за компанијата.

Мерката предвидува за долг по основ на неплатени придонеси до 2008-та и од први јануари 2009-та со закон да се овозможи плаќање на главниот долг на рати. Ако се исплати за 12 месеци, должникот ќе се ослободи до 70 проценти од каматата, ако се плати на 24 рати, за 50 проценти. Со мерката ќе бидат опфатени малите бизниси, земјоделците, трговците.

„За оние компании кои до 31.12.2008 од разни причини, дали како влијание на економската криза, западнале во одредена тековна ликвидност, и не биле во состојба да исплатуваат придонеси на своите вработени, со оваа мерка значително ќе се олесни враќањето на нивниот долг“, смета Митко Алексов, извршен директор на ССК.

За десетина дена се очекува  разгледување на законското решение на седница на влада, а финалното  кон крајот на мај. Законот предвидува секоја компанија да склучи договор со фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Првичните проценки се дека државата ќе се откаже од неколку милиони евра на име камата кои ќе останат во стопанството и ќе дадат свој бенефит, вели владиниот портпарол  Ѓорѓиев.

„Законското решение би било разгледувано на седница на влада во период не подолг од 10 дена, а финалното усвојување се очекува во собранието кон крајот на мај. Веројатно е дека законското решение ќе предвидува дека секоја компанија ќе може да склучи доковор со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во кој ќе се уреди на колку рати ќе се плаќа тој заостанат долг по однос на придонесите“, вели владиниот портпарол,  Алексанадар Ѓорѓиев.

Компаниите кои имаат до 49 вработени ќе бидат ослободени и од водење канцелариско и архивско работење. Единствената обврска за нив ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за Македонија, науката и културата.

Дијана Ценевска