Претседателот Иванов на конференции во Азербејџан
Актуелните проблеми со безбедноста во светски рамки – во фокусот на меѓународните конференции во Азербејџан. Меѓу лидерите на држави и шефови на дипломатии е и престедателот Иванов...

Престолнината на Азербејџан три дена ќе биде место во кое ќе се соберат голем број поранешни и актуелни државни лидери, министри за надворешни работи и премиери. Се одржуваат две меѓународни конференции на кои ќе се обрати и претседателот Ѓорге Иванов.
Веќе почна Третиот глобален Баку Форум кој е поделен во неколку дела. Во претпладневниот учесниците разговараат за клучните предизвици на новиот светски поредок. Подоцна ќе направат проценка на идните сценарија за Украина, а ќе разменат мислења и за иднината на односите меѓу Русија и Западот. Иванов ќе говори попладне во сесијата посветена на Европската Унија и нејзиното соседство. Утре на маса ќе бидат теми како меѓуверскиот дијалог и енергетска сигурност.
Како гости говорници, меѓу другите, се најавени Јоргос Папандреу, Борис Тадиќ, Жан Кретиен, Хенри Кисинџер; Абдула Ѓул, Бутрос Гали. Интересно е што на списокот е и поранашната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, во чие време Македонија доби вето за членство во НАТО на самитот во Букурешт пред 7 години.
Постетата на македонската делегација предводена од шефот на државата на оваа економски моќна држава на Kаспиското Езеро ќе биде искористена и за бизнис промоција на Македонија. Утре вечер на мини форум организиран со Стопанска комора со Азербејџански и турски компании, ќе има презентација на инвестициските можности на земјава.
В четврток, на последниот ден од работниот престој во Баку, претседателот Иванов ќе се обрати на меѓународна конференција за човечки развој. Главен акцент ќе биде ставен на тоа каков вид на меѓународна рамка е потребен за да се обезбеди ефективна институционална основа за одговор на глобалните предизвици и промовирање на мирот.
Душко Арсовски, специјален известувач од Азербејџан за МРТ
