Пешевски на Конференција за поддршка на Украина
Зборувајќи за искуството од Република Македонија вицепремиерот Пешевски истакна дека вистинските реформи во Украина мора да ги рефлектираат потребите на граѓаните и позитивно да влијаат на животот на луѓето, но и на подобрување на условите за водење бизнис и за привлекување на странски инвестиции во земјата...

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прaшања, Владимир Пешевски, имаше обраќање на „Меѓународната конференција за поддршка на Украина“ која се одржа денес, во Олимпискиот национален спортски комплекс во Киев, Украина.
Вицепремиерот Пешевски ја истакна силната поддршка на Владата на Република Македонија кон граѓаните и Владата на Украина во процесот на реформи за нормализирање на економската состојба во украинското општество, соопштуваат од негиовиот кабинет.
Тој посочи дека потполно ја разбира моменталната политичка и економска ситуација во Украина и дека меѓународната поддршка во оваа фаза е особено значајна, но она што е позначајно е Владата на Украина да ги превземе работите во свои раце и што е можно побрзо да изнајде решение за излез од економската криза.
Вицепремиерот Пешевски посочи дека Република Македонија во последните 6 години има одлични економски резултати по спроведените реформи и дека за разлика од 2007 година, кога Македонија беше рангирана на 96 место од Светската Банка, денес во 2015 година таа е рангирана на 30 место, што е подобро од повеќе од половината земји членки на Европската Унија. Во истиот тој период туризмот бележи двоен раст, инвестициите и извозот на стоки се зголемени тројно, а конкурентноста на економијата само во 2014 година во однос на претходната година е подобрена за 10 позиции.
Зборувајќи за искуството од Република Македонија вицепремиерот Пешевски истакна дека вистинските реформи во Украина мора да ги рефлектираат потребите на граѓаните и позитивно да влијаат на животот на луѓето, но и на подобрување на условите за водење бизнис и за привлекување на странски инвестиции во земјата.
„Реформите во Украина мора да се координираат и спороведуваат директно од Владата на Украина, користејќи ги искуствата пред се од домашните експерти, а политичкиот врв мора да биде подготвен на напорна работа, посветеност и одрекувања, со цел брзо изнаоѓање на најсоодветно решение за излегување од кризата“ – истакна вицепремиерот Пешевски.
Тој го заврши своето излагање нагласувајќи ја поддршката која Република Македонија и ја нуди на Украина, истовремено потенцирајќи ја отвореноста и подготвеноста на Владата на Република Македонија за споделување на своите искуства во процесот на реформи на Украина.
Целта на оваа Конференција е координацијата на меѓународната поддршка кон Украина и обезбедување на стабилен проток на информации помеѓу украинската администрација и земјите кои обезбедуват помош и поддршка.
На Конференцијата присуствуваа над 270 меѓународни претставници од органите на државната управа од 56 земји.
