Поедноставeно архивско работење за приватниот сектор

28.04.2015 15:16

Канцелариското работење ќе биде значително поедноставно, приватниот сектор ќе се растовари од обврските. Ова е целта на законските корекции за архивски материјал. Единствена обврска на субјектите до 50 вработени ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за државава. Државниот архив ќе селектира кои документи спаѓаат во приватен архивски материјал што треба да се зачува...

Мерката ослободување од архивско работење има за цел да се олесни работата и да се намалат трошоците на компаниите кои имаат до 49 вработени.  Законот предвидува единствена обврска да биде архивирањето на материјалот кој е од трајна вредност за Македонија, науката и културата. Истовремено, правните лица со 50 и повеќе вработени ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција.

„Ова произлезе по многубројните состаноци со коморите, со компаниите кои се во технолошко индустриските развојни зони, во економските зони, и по нивно барање и по барањето на приватниот сектор, владата ги направи измените на овој закон“, изјави Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација.  

Малите и средни бизниси да бидат ослободени од овој финансики товар било и едно од барањата на ССК. Ваквата мерката за ослободување од канцелариско и архивско работење за фирмите ќе им помогне на менаџерите да бидат посветени на бизнисот, а помалку на администрацијата.

„Во ваква ситуација немаат можност да ги остварат, бидејќи немаат средства да дополнително вработуваат архивар и одредено правно лице, а второ немаат доволно деловен простор кој согласно законот треба да го имаат за архивирање на материјалите“, вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Со законот се овозможува Државниот архив на Република Македонија да врши архивирање на документите во електронска форма, а не е задолжително  користењето на номенклатурата на државниот архив.

Измените во законот за архивско работење денеска се на Собраниска седница.

 

Дијана Ценевска