Австријците бараат македонски партнери
Австриските инвеститори сакаат потесни врски со Македонија. Го скенираат пазарот во потрага по деловни партнери. Очекуваат зголемување на инвестициите и на трговската размена, но бараат предвидливо деловно опкружување. Во Скопје се одржа бизнис – форум...

Дистрибутери, увозници и извозници – австриските инвеститори засилено бараат партнери од Македонија. Оценуваат – има простор за потесни економски врски.
„Деловната клима е релативно стабилна. Се уште има простор за подобрување, за нови инвеститори, но треба да се има предвид дека постојните инвеститори веќе преземаат мерки за зголемување на деловните активности. За секој бизнис е потребна стабилна правна рамка, предвидлива законска регулатива, а овие услови се задоволени во Македонија“, изјави Герхард Шлатл, трговско аташе на Австрија во Македонија.
На бизнис – форум во Скопје се сретнаа 8 австриски и 35 македонски компании од повеќе сектори. Домашните стопанственици се надеваат на конкретни зделки и на нови партнерства, и тоа во делот на земјоделството, прехранбената индустрија, текстилот, енергетиката, туризмот, автомобилскиот бизнис и инфраструктурата.
„Веќе има конкретни договори. Ние сакаме да ги унапредиме деловните односи и бизнис релациите, но крајната одлука е на самите компании кои ги оценуваат поволностите за развој на бизнисот“,изјави Наташа Димеска Стојаноска, директор во СКМ за меѓународна соработка.
Директните инвестиции од Австрија во Македонија достигнаа половина милијарда евра, со што оваа земја се рангира на второто место на листата најголеми инвеститори во земјава. Австрискиот капитал е присутен во делот на услугите, осигурувањето, банкарството, телекомуникациите, но засега нема австриска компанија во слободните економски зони. Трговската размена е релативно слаба, па Австрија се наоѓа на 15-та позиција.
Мартин Пушевски
