Иванов во Азербејџан: Последиците од одлагањето на проширувањето на ЕУ ги трпи целиот Балкан
Актуелните проблеми со безбедноста во светски рамки – во фокусот на меѓународните конференции во Азербејџан. Меѓу лидерите на држави и шефови на дипломатии од 60 земји е и претседателот, Ѓорге Иванов. „Европската политика е сериозно разнишана. Наместо влез на целиот Балкан во Европската Унија, ветување од самитот во Солун, има стагнација во проширувањето“, рече Иванов во неговото обраќање...

Одлагајќи го проширувањето, Европската унија како да ни ја одлага надежта. Со тоа нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Претседателот Иванов со анализа за политиките на Брисел кон соседството и потенцијалните членки. На обраќањето на третата глобална конференција, овде во Баку, тој оцени дека поради бавниот процес на носење одлуки и недостатокот од кохерентност, заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата сè уште, според него, не го положи тестот на времето.
„Но, Македонија не е единствената што ги трпи последиците од одлагањето на проширувањето. Косово се соочува со масовни миграции, додека Босна и Херцеговина со нестабилност. Европската политика кон соседството е сериозно разнишана. Наместо очекувањата дека Источното партнерство ќе им помогне на партнерите да достигнат просперитет и да се приближат кон европските стандарди, денес имаме нов вооружен конфликт во Европа и состојба што нè потсетува на Студената војна“, нагласи претседателот Иванов.
Многу жешки теми го мачат светот последните години и може да се каже дека ги диктираат дискусиите на третата глобална конференцијата во Баку. Африканските држави се справуваат со растечкиот екстремизам. Лесно е да се манипулира со младите, необразовани и невработени луѓе, рече поранешниот претседател на Нигерија, Обасанџо, и овде го наоѓа одговорот на проблемот со терористичките групи Боко Харам и Ал Шабаб.
Како гости говорници, меѓу другите, овде се Јоргос Папандреу, Борис Тадиќ, Жан Кретиен, Хенри Кисинџер; Абдула Ѓул, Бутрос Гали. Интересно е што на списокот е и поранашната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, во чие време Македонија доби вето за членство во НАТО на самитот во Букурешт пред 7 години.
Овој импозантен собир со влијателни сегашни и поранешни светски политички лидери за азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев е доказ дека неговата земја станува мост меѓу Европа и Азија.
Тој имаше билатерална средба со својот македонски колега. Ја прифатил поканата од Иванов да дојде во официјална посета на Македонија. Двајцата се договориле да иницираат конкретни инвестиции од оваа богата со нафта држава во нашето стопанство. Како прв чекор кон тоа е утрешниот бизнис форум на кој ќе бидат претставени можностите за вложување во Македонија.
Душко Арсовски, специјален известувач од Азербејџан за МРТ
