Изградбата на патишта ќе вработи четири илјади луѓе

28.04.2015 17:11

Градежната оператива е на терен, интензивно се градат новите патишта. Проценките се дека ќе има вработување за четири илјади луѓе. Надлежните очекуваат инфраструктурните проекти да ја засилат економијата и да ја намалат невработеноста...

Градежната оператива е на терен и го зголемува обемот на работење. Временските услови се подобруваат и овозможуваат  забрзана реализација на планираните  активности, се зголемува и бројот на ангажирани градежни работници. Само на двете автопатски делници Кичево– Охрид и Миладиновци– Штип во моментов работат 1.100 македонски работници, а во текот на летото се очекува бројката да достигне до 2.500  градежници.

„Доколку ги земеме и останатите патни делници на кои што се работи како и на оние патишта што ги најави премиерот Груевски во еден момент во 2015-та ќе стигнеме до бројката до 4.000 македонски работници што ќе работат на изградба на патиштата, што претставува еден своевиден рекорд за присуство и ангажман на работници за работа во инфраструктурата“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.

Во 2015-та година се предвидени инвестиции на 45 локални патишта во 40 општини со должина поголема од 60 километри и инвестициска вредност од над 7 милиони евра. Само во последниве 2 години во прилепско е завршена градбата и реконструкцијата на 20 локални патишта. Во регионалните правци Прилеп- Кривогаштани и Прилеп-Македонски брод, долги 56 км, се инвестирани речиси 7 милиони евра.

„На регионалните патишта Прилеп– Кривогаштани– Крушево– Сладуево и Прилеп– Македонски Брод– Кичево во должина од 11,5 км се постави нова сообраќајна сигнализација и опрема. Инвестицијата е во вредност од 30 милиони денари. Од оваа година ќе почнат инвестиции вредни 4,3 милиони денари во изградба на нови регионални и локални патни правци, од кои најголем е новиот експресен пат со 4 ленти чија градба треба да почне ова лето, од Градско до Прилеп инвестиција од 70 милиони евра“, рече премиерот Никола Груевски на собирот во Прилеп.

Ангажманот на домашната градежна оператива се зголемува од година на година. Рехабилитирани и изградени се над 360 локални патни правци во земјава, велат надлежните. До крајот на 2015-та се најавува градба на 44 нови, инвестиција вредна  6,7 милиони евра.

 

Свето Николовски