Анализа: Реакции по неуспешниот референдум за ГТЦ

28.04.2015 17:21

„Жителите на Општината Центар не наседнаа на сценариото на СДСМ“ - вели Александар Даштевски за неуспешниот референдум за ГТЦ. Според него, стратегијата на опозициската партија не дава ефект, па дури и кон неопределените. Според Нано Ружин, вината за неуспехот не ја гледа во опозицијата, вели дека е потребна промена на Законот за референдум...

„Неуспешниот референдум за ГТЦ ја покажа немоќта на опозицијата“ - не стивнуваат реакциите за епилогот од неделното изјаснување во Центар.  Аналитичарот, Александар Даштевски вели дека жителите на општината не наседнале на сценариото на СДСМ. „Тајмингот не е одбран случајно, но покажа дека стратегијата на опозициската партија не дава ефект, па дури и кон неопределените“, вели тој.

„Ова покажува дека рејтингот не пораснал поради тоа што има некои бомби или политички случувања итн. не е ни чудно што не успеа референдумот. Мислам дека тоа е уште една грешка која беше направена во контекст на овие политички случувања што се кај нас,таканаречената политичка криза која се продуцира на некој начин вештачки по мене и која не дава резултати кои се очекуваа“, вели аналитичарот Александар Даштевски.

Професорот, Нано Ружин не сака вината за неуспехот да ја лоцира кај опозицијата.. Според него, потребна е промена на Законот за Референдум.

„Кога некоја партија ќе бојкотира , Вие никогаш не може да соберете и  да направите успешен референдум. Сметам дека излезот е во строгите норми на Законот за референдум. Во други држави тој не е пропишан на овој начин. Доволно е 1/3 од гласачкото тело  да излезат и да решат што ќе биде.Како што е во Франција, во Велика Британија“, смета универзитетскиот професор Нано Ружин.

На референдумот за ГТЦ не се постигна потребниот цензус од 50 проценти излезност за изјаснувањето да биде валидно.

 

Наташа Гркова- Петрушевска