„Волстрит журнал“ и „Вашингтон пост“ препорачуваат македонски вина

29.04.2015 12:00

Минатиот месец и „Вранец“ од бербата од 2012 година беше препорачан од реномираниот „Вашингтон пост“ и ја доби оценката – „одличен“...

Американскиот весник „Волстрит журнал“ го рангираше виното „Жилавка“ на македонската винарија „Стоби“ меѓу топ пет пролетни вина во светот. Минатиот месец и „Вранец“ од бербата од 2012 година беше препорачан од реномираниот „Вашингтон пост“ и ја доби оценката – „одличен“.

Винскиот критичар на „Волстрит журнал“, Вил Лионс за „Жилавка“ напиша: „ Ова вино е направено од помалку позната сорта на грозје и е апсолутно воодушевувачко. Бело, со убава и нежна сламеста боја, а поттекнува од Република Македонија. Има прекрасна миризлива нишка со ноти на дуња, зрели праски и лимон. Уште на првата голтка е сочно и лесно со суптилна лутина. Одлично оди со зачинета храна“.

Во март новинарот на „Вашингтон пост“ го препорача „Стоби Вранец“ посочувајќи дека станува збор за едно од најтемните вина кои досега ги видел. „Богато е и силно со слатки и зрели овошни вкусови“, е истакнато во краткиот текст посветен на ова вино.

Виното „Жилавка“ засега не е во продажба во Македонија, но сите заинтересирани ќе може да го вкусат овој квалитетен пијалок на „Веро вино-фест“.