Со отворени податоци до нови апликации
Со цел да се овозможи систематизиран пристап, Министерството го воспостави порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk, кој го стимулира развојот на нови содржини, апликации и услуги кои ќе се изградат врз отворените податоци...

Програмерите може да користат отворените податоци на институциите за да креираат апликации. На располагање им се дигиталните информации од 27 институции. Досега, најискористена база на податоци, велат од ресорното министерство, е адресарот на детски градинки.
„Во изминатиот период интензивно соработувавме со 27 институции, чии податоци денес се отворени во компјутерски читлив формат и подготвени за користење од страна на потенцијални девелопери, компаниите, граѓанскиот сектор и други субјекти. Станува збор за 39 линкови, 82 бази на податоци и 33 датотеки“- рече министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.
Со цел да се овозможи систематизиран пристап, Министерството го воспостави порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk, кој го стимулира развојот на нови содржини, апликации и услуги кои ќе се изградат врз отворените податоци.
Министерот Ивановски ги повика сите заинтересирани девелопери кои сакаат да учествуваат со своја апликација на Хакатон настанот, до 20 мај да ја осмислат својата идеја и да се обратат до министерството доколку им се потребни дополнителни податоци, со цел истите да бидат достапни.
Генералниот директор на Канцеларијата на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански, истакна дека Хакатонот ќе трае до 15 јуни, кога ќе бидат објавени победниците на настанот.
