На бизнисот му треба стабилност!
„Политичката криза не е добра за стопанството и добро би било што поскоро да заврши“- вицепремиерот Ставрески испрати порака дека на бизнисот му треба стабилност за да се остварат предвидените резултати во економијата...

Политичката криза не е добра за стопанството. Потребна е стабилност и извесност за да се остварат предвидените резултати - оваа порака денеска ја испрати вицепремиерот и министер за финансии, Ставрески по денешната конференција за внатрешна финансиска контрола. Според него одложување на решавањето на актуелната политичка состојба негативно ќе се одрази врз стопанството.
„Она што им треба на стопанствениците е политичка стабилност и извесност. Очекувам дека резултатите на стопанството засега нема да бидат влошени, меѓутоа се зависи од тоа дали брзо ќе се дојде до одговор на политичката криза. Добро би било таа што побрзо да се затвори со цел стопанството да ги оствари предвидените резултати“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски.
На презентацијата на тригодишната стратегија за внатрешна финансика контрола, Ставревски рече дека Македонија направила значителен напредок во изградба на систем кој гарантира разумно користење на јавните средства. Претстои период на поконкретна имплементација за да се достигне нивото на земјите од регионот кои се членки на ЕУ.
„Околу 70 отсто од институциите на локално и централно ниво основаа независни единици за финансиски прашања согласно Законот за јавна внатрешна контрола. Во изминатата година во рамки на Министерството за финансии е формирана и финансиската инспекција што е уште еден сегмент во склопот на активности за подобро управување со јавните финансии“, нагласи Ставрески.
Тригодишната стратегија за внатрешна финансиска контрола ја дава рамката во која ќе се движат реформите во следниот период.
Сунчица Николоска
