Заеднички настап за подобра економска соработка меѓу Македонија и Бугарија

29.04.2015 16:37

Регионално поврзување, подобра инфраструктура, поголема размена, заеднички настап на пазарите. Бизнисмените ги детектираа приоритетите за потесни економски врски меѓу Македонија и Бугарија. Велат - за поголема доверба е потребен договор за пријателство...

„Создавањето заеднички производ на Македонија и Бугарија за европскиот пазар е добра шанса за промоција на економиите“, велат од Македонско- бугарската стопанска комора. Размената меѓу двете земји, пак треба да се збогати со нови производи и услуги.

„Ние мораме да бидеме дел од големото европско семејство на толеранција и на неговите заеднички демократски вредности, сигурност на институциите кои се во функција на граѓаните и бизнисмените“, изјави Зоре Темелковски, претседател на  Македонско- бугарската стопанска комора.  

„Продолжува растот на стоковата размена меѓу Македонија и Бугарија. Треба да се стремиме во наредниот период таа да се збогати со нови стоки и услуги“, вели Иван Петков, амбасадор на Бугарија во Македонија.  

Потенцијал за соработка, надлежните гледаат во земјоделството, енергетиката и рударството.

„Тенденција, визија и идеја е дека оваа соработка треба и понатаму да се прошири во повќе сегменти“, рече министерот за економија, Беким Незири.

За развивање на бизнисот и брзиот проток на стоки и услуги, се сугерира подобрување на инфраструктура.

„Треба да се слушне гласот на приватниот сектор во приоритетното изведување на инфраструктурните проекти, оние кои што ќе донесат нови бизниси и нови вработувања. Македонја тука има клучна улога поради коридорите 8 и 10“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Со трговска размена од 700 милиони долари, Бугарија е шестиот трговски партнер на Македонија.

 

Дијана Ценевска