Иванов: Македонија нуди поволни можности за бизнис

29.04.2015 16:53

„Дојдете во Македонија и уверете се дека земјата нуди поволни можности за бизнис“- покана од претседателот Иванов до неговиот колега Алиев и бизнисмените од Азербејџан. На форум во Баку- промоција на деловниот амбиент...

Денешниот бизнис форум е прв чекор од она што вчера го договорија двајцата претседатели Иванов и Алијев, а тоа е директни инвестиции во македонското стопанство. Градежната индустрија, енергетиката, туризмот и земјоделското производството. Ова беше фокусот на претставувањето на Македонија како место за инвестиции од Азербејџан на бизнис форумот во Баку што заврши предмалку.

Беа присутни претставници на компании членки на Азербејаџанско- турската стопанска комора. Се интересираа за условите за водење бизнис. Неколкумина со кои разговаравме истакнаа дека гледаат интерес во изградбата на хидроцентрали и учество во инфраструктурни проекти.

„Според она што слушнав многу градежни работи на патната инфраструктура се одвиваат во моментот во Македонија. Би сакале да дојдеме во Македонија за бизниз во оваа дејност. Сме работеле во Европа и порано“, изјави Џем Улѓун, „Текфен“.

„Задоволни сме од деншниот информативен состанок. Македонија нуди многу можности во областа на изградба на автопати, главно преку концесии. Заинтересирани сме и за проекти во енергетскиот сектор и ќе ги земеме предвид“, вели Тајфун Башарир, „АГТ“.

Комората брои 300 компании кои вкупно работат на проекти вредни 15 милијарди американски долари. Економската соработка ја има политичката поддршка од двете држави, рече Климент Шеќероски, вториот човек на агенцијата за промоција на извозот и странски инвестиции. Потврда за тоа, рече, е присуството на шефот на државата Ѓорге Иванов.

Поздравувајќи го собирот, Иванов рече дека ова е прв чекор кон позасилена економска соработка. А таа е незначителна, размената изнесува неколку стотини илјади евра.

„Очекувам дека во претстојниот период ќе имам можност да го пречекам мојот колега претседателот Алијев во Република Македонија и се надевам дека и вие ќе дојдете со него, за да организираме македонско-азербејџански бизнис-форум на кој ќе го продолжиме она што денес го започнуваме. Затоа, ве повикувам да ја посетите Македонија, да ги разгледате постојните капацитети, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис“, посочи претседателот Иванов.

Колку е важно Азербејџан да се има за економски партнер нека послужат следните податоци-  оваа година се прогнозира номиналниот БДП по глава на жител да биде безмалку 9.300 долари. Нафтата е главниот двигател на економијата. Државната енергетска компанија СОКРА е со години меѓу најуспешните во светот и вработува 61 илјада луѓе.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Азербејџан за МРТ