По референдумот за ГТЦ

Каракамишева: Најголем демократски пораз за СДСМ

29.04.2015 17:23

„Негативната аура и деструктивната енергија што се собираат околу СДСМ резултира со пораз на референдумот во Центар“ - вели универзитетската професорка, Тања Каракамишева. Аналитичарот, Петар Арсовски, вели дека е рано да се зборува за ефектите од дејствувањето на опозицијата, а за изјаснувањето за ГТЦ недостигала поголема мобилност...

„Неуспешниот референдум во општина Центар им го зададе најголемиот демократски удар на СДСМ и на опозицијата“, вели универзитетската професорка Тања Каракамишева. Според неа, резултатите од референдумот покажале дека мнозинството граѓани имат презир кон, како што вели, деструктивните сценарија.

„Најболниот момент за нив е што овојпат тие не можат да го обвинат ВМРО-ДПМНЕ за ништо. Прво, правилата на одржување референдум, со целиот свој неквалитет и недемократски капацитет, се донесени од времето кога тие беа на власт. Второ, референдумот се одржуваше во една од трите најопозициски општини во Република Македонија. Се има чувство дека од негативната аура и деструктивната енергија која години и години со ред се собира во и околу СДСМ и нејзините привезоци, од огромната хипокризија и лицемерие за наводната душебрижност за изгледот на ГТЦ, дури и космосот и галактичката карма беше против нив“, смета универзитетскиот професор Каракамишева.

Аналитичарот Петар Арсовски пак, вели дека е рано да се зборува за ефектите од дејствувањето на опозицијата. Според него, за референдумот недостасувала поголема мобилност.

„Недостиг на целата комбинација е што воопшто референдум се распишува ако сте сигурни дека ќе го добиете. Бидејќи ако не го добиете како што е случај со овој постои простор да се заклучи дека 60 насто од луѓето, оние кои не излегле ,дефакто поддржуваат молчешкум или јавно барокна фасада на ГТЦ, што секако не била намерата на организаторот на референдумот“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Референдумот за ГТЦ беше неуспешен, не се обезбеди потребната излезност за законскиот цензус од 50%.

Наташа Гркова- Петрушевска