Македонија- Азербејџан: Добрите политички односи да прераснат во поуспешни економски односи

30.04.2015 14:35

„На Mакедонско-азербејџански бизнис форум да го продолжиме она што денеска го започнуваме“ – претседателот Ѓорге Иванов во Баку ги повика неговиот домаќин Алиев и тамошните бизнисмени да ја посетат земјава, да се уверат во деловниот амбиент, да ги слушнат искуствата на странските инвеститори...

Успешна посета која ќе продолжи со натамошни контакти и возвратна посета на азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, на Македонија до крајот на годината. Ова е генералната оценка на шефот на државата Иванов, по трите дена престој во Баку.

Во оваа врменска рамка се очекува со Алиев во Македонија да дојде поголема група бизнисмени, со што би се проширил кругот на соработка, и конечно, извозот на македонски производи во оваа со нафта богата држава. Во моментов, Македонија овдека најмногу извезува храна и фармацевтски производи.

Посетата имаше економска нота поради бизнис форумот кој што се одржа вчера и затоа што на средбата со Алиев најмногу се разговарало за можностите за стопанска соработка.

„Заклучокот беше дека добрите политички односи мора да ги преточиме во многу поуспешни економски односи. Ние веќе две години во Азербејџан имаме наш економски промотор и тоа беше можност да се органиизра бизнис форумот на Азербејџанско-турската стопанска комора на кој нашите претставници на Агенцијата за странски инвестиции ги претставија можностите кои ги нуди македонското стопанство и можностите во Македонија за нивните компании да почнат бизниси и да соработуваат“, изјави претседателот Иванов.

Како што почна така и заврши посетата на шефот на државата на Баку. Со учество на конференција. Денешнава на тема- човечки развој ја организира меѓународниот центар Низами Ганџави и светската академија за уметност и науки. Акцентот беше ставен на тоа каков вид меѓународна рамка е неопходна за ефективен институционален одговор на глобалните предизвици.

Со овие неколку дена во кои се собраа бројни поранешни и сегашни светски влијателни политичари, Азербејџан покажа амбиции форумот да го достигне нивото на оние во Давос и Кран Монтана.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Азербејџан за МРТ