Работодавачите бараат компромисно решение за помалите фирми кои не можат да исплатат К-15

30.04.2015 16:03

Најголем проблем според работодавачите да исплаќаат К-15 имаат компаниите од текстилната, кожарската и дрвната индустрија и дел од градежните фирми...

Работодавачите, се подготовени за преговори со Сојузот на синдикатите по најавеното  барање да се укине К-15. Најголем проблем според работодавачите да исплаќаат К-15 имаат компаниите од текстилната, кожарската и дрвната индустрија и дел од градежните фирми. Од Организација на работодавачи велат дека е постигната начелна согласност, преговорите за измените да почнат набрзо. Според Димитров, нелогично е фирмата да земе кредит и да отиде во стечај заради исплата на К-15.

„Спремни сме да разговараме, да најдеме компромис, добрите компании кои можат да исплаќаат, да продолжат со исплата, а да најдеме компромис за помалите компании, оние кои имаат финансиски проблеми. Нелогично е фирмата да земе кредит или да отиде во стечај, поради исплата на К-15“, вели Ангел Димитров, претседател на  Организација на работодавачи.  

Барањето на работодавачите за укинување на К-15 е апсолутно неприфатлива, смета Синдикатот за градежништво. Од ССМ предлагаат поголемите компании, да продолжат со исплата на К-15 или да даваат дури и поголеми износи, а да се најде компромис за помалите.

„Самата најава на Организацијата на работодавачи се однесува на една ставка која е многу мала, тоа е право на работникот и тој тоа го заслужува“, вели Павел Трендафилов, претседател на СИЕР.  

За подобра бизнис клима е подобра стабилна регулатива. Ефикасниот даночен систем и намалување на сивата економија ќе ги подобри социјалните права, смета првиот синдикалец.

„Заедно сите, солидарно, како здружени синдикати, да дејстуваме, се со цел да ги елиминираме опасностите кои ги носат и неформалната економија и корупцијата“, изјави Живко Митревски, претседател на ССМ.

За првпат во Македонија, се кажа стоп на вработувањето на определно време, а на колективниот договор се пристапи суштински, велат од ССМ.  

 

Дијана  Ценевска