Отворени првите работни места преку „Македонија вработува“
Досега повеќе од 50 компании се јавиле за учество во проектот, со кој им се намалуваат трошоците за ангажирање нови работници. Властите очекуваат во претстојниот период да расте и бројот на барања до Агенцијата за вработување...

Фирмите почнаа да вработуваат користејќи ги олеснувањата што ги овозможува проектот „Македонија вработува“. Интерес има не само од малите, туку и од средните и од големите компании од речиси сите градови. Бараат разновидни профили на работници и со различна старосна структура .
„Првичните резултати се позитивни. Во период од 3 дена имаме побарувања од над 50 компании за вработување на над 60 лица, од кои над 30-тина вработувања се веќе реализирани“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.
Постапката на ангажирање работници преку проектот е едноставна, вели Ѓорѓиев. Се поднесува барање до Агенцијата за вработување во кое се наведуваат потребите за работници, нивниот број и профилот на потребниот кадар. Со вработувањето компаниите добиваат можност да заштедат солидна сума придонеси кои наместо нив ќе ги покрива државата.
„Можат да имаат најмало месечно ослободување поради неплаќање придонеси од околу 3800 денари,а највеќе до 10.900.Тоа е највисокиот износ на придонес што треба да се плати врз основа на она што е просечна плата во РМ. Доколку вработат лице што е до 35 годишна возраст покрај ослободувањето од социјалните придонеси, кои се задолжителни, ќе бидат ослободени и од персоналниот данок, во вредност од 37% од вкупната бруто плата“, вели Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на РМ.
Едноставната математика вели дека доколку се земе најмалото ослободување за еден вработен од 3 800 денари, тоа значи дека на годишно ниво на фирмата ќе и останат во касата дури 38 илјади денари. За 5 вработувања годишната заштеда би достигнала дури 190 илјади или повеќе од 3 илјади евра, кои можат да се искористат за други намени.
Свето Николовски
