Родителска средба пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“
Од Министерството за образование пак, информираат дека полагањето на државната матура ќе продолжи да се имплементира и во оваа учебна година, при што ќе ја опфати осмата генерација матуранти...

За подобро запознавање, и да поразговараат за бојкотот на наставата, родители на средношколци од повеќе училишта во земјава, за денеска закажаа средба пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. Иницијативата е, од таканаречениот Родителски пленум за поддршка на средношколците.
Од Министерството за образование пак, информираат дека полагањето на државната матура ќе продолжи да се имплементира и во оваа учебна година, при што ќе ја опфати осмата генерација матуранти. Ќе продолжи да се имплементира и процесот на екстерното тестирање, со кој веќе 3 години се проверуваат знаењата на учениците и објективноста на оценувањето на наставниците, практика што постои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија, соопштуваат од Министерството.
Додаваат дека во изминатиот период владата реализираше интензивни контакти и средби со дел од засегнатите групи во рамките на споменатите процеси и реформи. Почитувајќи ги нивните најдобри интереси,беа донесени неколку конструктивни, суштински одлуки, односно беше решено, и натаму да продолжи примената на досегашната концепција завршен испит, да се врати стариот модел на полагање државна матура, полагањето на тестовите да се врши единствено во писмена форма и предметот математика да биде алтернативен за учениците.
Од денеска стартува и пријавувањето на матурантите за полагањето на државната матура по стариот модел, додека за екстерното тестирање, согласно со досегашната практика, во следните денови ќе бидат објавени и прашањата по сите предмети за оваа учебна година.
