Раст на производството во текстилната индустрија

04.05.2015 14:03

Од Стопанската комора на Македонија велат дека е намален бројот на работниците во текстилната индустрија, а извозот во почетокот на годинава е помал во однос на лани...

Производството на текстилните ткаенини лани се зголемило за 6,5 насто, а кај облеката тој процент  изнесува 4,6 проценти. Од Стопанската комора на Македонија велат дека е намален бројот на работниците во текстилната индустрија, а извозот во почетокот на годинава е помал во однос на лани.

„Она што започна од 2005-та наваму, до големата криза кај нас во 2010-та година, текстилната индустрија изгуби 40% од, производството, извозот и вработените. Од 2010-та наваму се забележува раст. Тоа се случи и во текот на 2014-та“, вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија.

Статистичките податоци покажуваат дека во првите два месеца од годинава од Македонија се извезени 96,5 милиони долари текстилни производи, што претставува намалување во однос на истиот период од минатата година кога извозот изнесувап 112 милиони долари. Увозот во јануари и во февруари е со износ од 68 милиони долари, а лани во истиот период изнесувал 98 милиони долари.

Во 2014 година е остварен вкупен извоз на текстилните производи од 849 милиони долари од кои 78.6 милиони долари текстилни ткаенини и 670 милиони долари извоз на готови текстилни производи, односно 15,2 проценти од вкупниот извоз. Лани вкупниот увоз изнесува 604,7 милиони долари, облека со 79 милиони долари и текстил со 525 милиони долари или 8,3 проценти од вкупниот увоз на државава.

Бројот на вработени во текстилната индустрија, според статистиката, постепено се намалува. Во 2007 година изнесувал 43.848, а лани во овој сектор работеле 35.348 лица.