Хигиената на рацете значи живот!
Се одбележува Европскиот дена на хигиената на рацете. Ниту најсилниот антибиотик не може да помогне во спасувањето на животот, колку што може да помогне хигиената. Препораката важи и за здравствените работници, за да се спречат резистентните бактерии...

Дури 50 проценти од пациентите згрижени во шок собите и на интензивно лекување добиле некој вид инфекција. Аларматна е состојбата со бактеријата Мрса во земјава, која најмногу е присутна во болниците и е отпорна на антибиотици. Светските искуства покажуваат дека со редовна хигиена на рацете се намалува бројот на новоинфицирани.
„Шок собите се местата каде што најмногу се работи на превенција. За жал се трудиме да анимираме што повеќе здравствени работници, болници од внатрешноста, правиме едукација во правец на превенција и подигање на свесноста за овие проблеми“, изјави д-р Каќа Поповска- Јовановска, Медицински факултет.
Од Институтот за јавно здравје смируваат дека сепак ова е во рамки на регионалниот просек.
„Во Република Македонија има голема резистенција која што се движи како и во сите други држави во Југоисточна Европа. Имаме навистина проблем со метицилин резистентните стафилококи и други типови на резистентни бактерии“, вели д-р Голубинка Бошевска, Институт за јавно здравје.
Некогаш терапијата што се применува е скапа и многу важна во лекувањето. За да не се дојде до таму најважна е хигиената на рацете. Таа се учи уште во детската возраст.
„Бројот на бактерии кој е енормен може да го однесе детето и најскапата терапија неможе да помогне. Хигиената на рацете практично значи живот“, нагласи д-р Аспазија Софијанова, Клиника за детски болести.
Редовна хигиена за да се спречат инфекции. Со ова мото земјава го одбележува светскиот ден за хигиена на рацете.
Андријана Атанасовска
