Започна осмото издание на образовната програма „Лидер“
Ќе учествуваат четириесет претставници на мали и средни компании како и млади претприемачи од Македонија. Целта на интензивната десетдневна обука е да им пренесе специфични знаења и искуства на учесниците кои веќе имаат или целат кон основање на сопствен бизнис...

Под мотото „Предводиме со образование и развој“, а во организација на Македонија 2025, започна осмата по ред програма за бизнис образование наречена „ЛИДЕР“. Ќе учествуваат четириесет претставници на мали и средни компании како и млади претприемачи од Македонија. Целта на интензивната десетдневна обука е да им пренесе специфични знаења и искуства на учесниците кои веќе имаат или целат кон основање на сопствен бизнис.
„Интересот за проектот секоја година е се поголем, а работната програма е побогата. Досегашните искуства на учесниците во ЛИДЕР проектот се покажаа многу позитивни бидејќи им овозможија на учеснисиците да го унапредат својот бизнис преку деловните и аналитичките вештини кои ги стекнуваат на предавањата. Македонија2025, како регионален лидер во овој проект, оваа година овозможи и учество на претставници на бизнис секторот од Србија. Преку Лидер проектот, ја продолжуваме нашата традиција на пренесување знаење и вештини која како крајна цел го има унапредувањето на компетитивноста на домашната економија. Предавањата ќе бидат дополнети со пренесување на искуства од индустријата од страна на успешни лидери како Мајк Зафировски, ко-основач на Македонија2025“, рече Билјана Марковиќ, директор на Македонија2025.
ЛИДЕР проектот е уникатна програма што потекнува од бизнис школото Ричард Ајви, кое е дел од универзитетот Вестерн Онтарио во Канада и е едно од најдобро рангираните бизнис школи во Северна Америка. Наставата е градена според МБА програмот на школото и вклучува пренесување широк распон на знаења како практично истражување на случаи, испитување иновации, изводливост на бизнис план, усовршување на стратегија, работа во групи, аналитичко размислување, презентирање финален бизнис план и многу повеќе.
Во текот на следните десет дена инструкторите на ЛИДЕР проектот ќе работат со учесниците кон постигнување на оптимална имплементација и разбирање за наставниот материјал. На крајот на програмата секој од учесниците ќе треба да одржи неколкуминутна презентација на својот бизнис план и да ги убеди инструкторите во неговата изводливост и одржливост. Секој од учесниците што ги исполнил критериумите за потполно учество и ангажман ќе добие меѓународно признаен сертификат со знакот на ЛИДЕР проектот Проектот е поддржан од Канадската Амбасада и од бројни македонски и странски компании, а е инициран од членовите на Македонија 2025 во Канада.
