Случај „Јупитер“: Измамените туристи правдата ќе ја бараат на суд
Заврши првомајското патешествие на група македонци во Истанбул. Патниците кои но не можеа да го напуштат хотелот ќе поднесат колективна тужба против скопската туристичка агенција која го организирала патувањето...

Изморени и нервозни по престојот во Истанбул македонските туристи се вратија дома. Но, тука нема да биде крајот на ова патување. Правната битка против aгенцијата за која велат дека ги измамила, ќе ја тераат на суд. Собираат потписи за колективна тужба.
„Колективно се организираме сите 400 луѓе. Значи потписи собравме, ќе организиаме одбор и ќе одиме до крај. Нема да оставиме вака, бидејќи таму преживеавме пекол“, изјави за МТВ една патничка.
Околу 400 патници вчера беа блокирани во хотел во Истанбул. Им биле одземени пасошите зашто скопската агенција не го платила нивниот престој. Исправите им беа вратени по интервенција на македонскиот конзултат. Сопственик бил задржан на распит во тамошната полиција.
Агенцијата Јупитер денеска е затворена. На вратата стои соопштение дека нема да работат на 4-ти и 5-ти мај поради отсуство на главниот менаџер кој сеуште е во Истанбул.
Во известувањето стои и дека сите патници в среда ќе можат да поднесат барање за рефундација на нереализираните факултативи во период од 1-ви до 3-ти мај.
Од Туристичката комора на Македонија велат дека агенцијата не е нивна членка и не можат да ја санкционираат. Оттаму коментираат дека случајот „Јупитер“ треба да биде уште една опомена.
„Јас само можам да апелирам до оштетените патници во иднина да имаат секогаш договори кои ќе ги потпишат, при користење на туристичките услуги, тоа е и во согласност со законот“, изјави Пенчо Кимов, Туристичка комора на Македонија
Министерството за економија информира дека по контролата која ќе се превземе од страна на ДПИ, доколку се потврдат неправилности во работењето на туристичката агенција, ќе се почне постапка за одземање на лиценцата за работа.
Во соопштението од Министерството се вели дека патниците се должни да добијат и обесштетување.
Сунчица Николоска
